Медиа|

Со официјалното пуштање во употреба на социјалниот станбен објект во Дебар, дом ќе добијат 47 семејства од социјално ранливи категории.

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката – Скопје, Марјан Стефановски, информираше дека објектот е изграден на површина од 2.350 квадратни метри.

„Оваа зграда е дел од проектот за изградба на социјални станови, во соработка меѓу македонската Влада и Банката за развој при Советот на Европа. Во зградата има 47 станбени единици со квадратури од 35 до 55 квадратни метри, во зависност од бројот на членовите на семејството. Би сакал да им посакам мир, благосостојба и среќни мигови во домовите“, истакна Стефановски.

Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека Владата продолжува со реализација на програмата за социјално домување низ повеќе општини во државата. Тој потсети дека во изминатиот период клучеви добија 29 семејства во Велес, 32 во Кочани, 19 во Гевгелија и 21 семејство во Струмица, а во меѓувреме активни се огласите  за доделување станови во Пробиштип и Свети Николе.

„Во соработка со АДИССДП во завршна фаза е изградбата на социјалната зграда во Бутел и во Сарај, тече изградбата на социјална зграда во Прилеп, а се планира почеток и во Штип“, истакна Николоски.

Прeтседателот на Владата  Христијан Мицкоски порача дека пуштањето во употреба на овој станбен објект претставува значаен момент за семејствата кои добиваат сигурен дом, но и потврда дека Владата продолжува со реализација на проекти насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

„Би сакал да му се заблагодарам на Генералниот  директор на АДИССДП , којшто со својата посветена работа и тимот којшто го има околу себе,  испорачува и реализира проекти. Македонија се гради, повеќе од 1.200 градилишта имаме ширум државата и тоа е добро. Планираме и во следната година да продолжиме со поддршка на општините и  проектите кои се од суштинска важност за граѓаните “, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека Владата останува посветена на реализација на проектите за граѓаните, нагласувајќи дека проблемите кои се таложеле со децении не можат да се решат преку ноќ, но дека постепено се реализираат приоритетите и се надминуваат наследените предизвици.

Затвори го прозорецот за пребарување